Ноќи на малите куриња

Очигледно некои наши сограѓани имаат невообичаено хоби. Дење живеат нормални животи, ама навечер негуваат специфичен стил на слобода на изразување. Облекуваат црни качулки, се собираат во група и фрлаат камења и шишиња по туѓ имот. Е сега, не по сечиј имот. Овие наши сограѓани се исклучително селективни. Имено, тие лупаат пенџериња само на оние кои што јавно кажуваат дека љубовта не познава пол.

Сега сите ние треба да прифатиме дека нашите сограѓани со чуден вкус за изразување на своите ставови се во право, а оние на кои што им ги кршат пенџерињата не се. Иако едните се силеџии, а другите жртви, ние треба да ја голтнеме приказната на моралната супериорност на качулките и нивното право преку “рачни изразни средства“ да демонстрираат одбрана на јавниот морал. Во своите настапи, ја первертираат стрипската слика за супер-херојот (иако супер хероите се исклучително геј стилизирани, во пренагласени костуми што ги исцртуваат нивните мускули). Дење се нормални граѓани, но кога ќе падне ноќта тие ги облекуваат своите коститми и се трансформираат во сила која што ја брани Македонија од “нападот“ на “злото“. И додека супер – херојот е сам, нашиве махери се исклучиво во толпа. Затоа наместо супер-херои тие се трансформираат во супер-морони. Кај супер херојот анонимноста е потребна за да се зачува неговиот интегритет, кај супер-моронот е потребна да се зачува неговиот кукавичлук.

Има уште една друга група на наши сограѓани кои шетаат костимирани. Нив државата им ги дава костимите за да ги означи како чувари на редот и цивилизираноста. Крајно време е тие костимирани ликови да ги соберат другиве костимирани ликови и да им објаснат дека фрлањето со камења по туѓи куќи не спаѓа во слобода на изразување на ставови. Ове ноќи на малите куриња мора да се запрат дур не се претвориле во кристални ноќи. 

Advertisements

Хидраулички деспотизам

Има еден систем на владеење, применет од страна на Октавијан Август, кој засекогаш го уништил републиканското владеење во Стариот Рим. Августовото откритие, подоцна наречено хидруалички деспотизам, е едноставно до болка. Негова претпоставка е концентрација на менаџирање на клучниот ресурс во општество. Тоа во случајов било житото односно снабдувањето со жито на тогашниот мегалополис. Затоа при поделбата на провинциите на царски и сенатски, Август го приграбил директното управување со Египет и уште неколку провинции кои произведувале најмногу жито.

Во моменти на судири со Сенатот или било која смислена опозиција, предизвикувал вештачки кризи во снабдувањето со жито и за тоа го обвинувал сенатот или опозициската клика. Се разбира дека на гладните им требал кривец и тоа засекогаш го поткопало авторитетот на сенатот кој станал украс од минатото, еден вид на традиција која одамна ја изгубила функционалноста.

Зошто ја пишувам оваа античка приказна!

Затоа што Македонските политички партии владеат на истиот начин. Нивната моќ произлегува од контролата на клучниот ресурс во македонското општество.

Македонија е држава која никогаш до крај го нема завршено преминот во пазарно стопанство. Структурата на македонското стопанство покажува дека преку 60% од БДП отпаѓа на буџетот, јавните претпријатија и  клиентските фирми на политичките партии. Јавниот сектор кој директно се плаќа од буџетот вработува 1/3 од работната сила во Македонија.

Од овој аспект може да се каже дека транзицијата во Македонија не само што не завршила туку не ни започнала. 

Приватизацијата е изведена на начин на кој што не се отвора пазарно стопанство туку се обезбедуваат монополски компании кои го контролираат бизнисот во одреден сектор и цицаат пари само врз основа на нивната интерконектираност со политичките партии, односно со локалните и централните власти. При тоа државата не се јавува како регулатор на пазарната игра туку како активен партнер на компаниите во зависност од тоа која гарнитура е на власт.

Суштината на политичката борба во Македонија се сведува на борба за контрола на што е можно поголемо парче од оние 60% БДП. 

Во таква констелација на односи, клучниот ресурс со кој што се остварува влијанието врз гласачите е вработувањето во државниот апарат или пак клиентелистичките компании под контрола на партиите.

Таквиот каскаден клиентелистички однос создава верност кон обезбедувачот на работното место, а тоа не е државата, туку политичката партија. Тоа произведува и фанатизирана припадност кон едната или кон другата опција, затоа што се сведува на борба за гола егзистенција во која, додека трае гозбата на масата, плебсот се тепа меѓу себе за трошките копи што паѓаат од масата на господарите.

Како краен резултат добивате распаднати институции и неспособност на државата да профункциониура во полна смисла, па така наместо како регулатот на пазарната игра, таа се јавува како репресор на секаква смислена стопанска иницијатива која што може да ги загрози монополите!

Врзани со синџирите на лебот (кој еден пролупан полупистел на блогов го нарекува слобода), мнозинството од македонците се откажуваат и од слободата и од борбата за ослободување на државата и стануваат соучесници во нејзината дисфункционалност. 

Застрашувачкото е што ретко кој веќе гледа проблем во овој систем на партиски клиентелизам, а веќе стасуваат и нови генерации кои ништо друго и не паметат.

Македонија останува држава без пазарно стопанство и со транзиција која што ќе трае се додека не се разбие овој клиентелизам.

Хидраулички деспотизам на дело!

јуни 11, 2009


Глобална криза, но на левицата!

Ве молам за потребите на овој пост термините левица и десница да не ги помакедончувате.

Ова е коментар на колумна објавена во утрински и пост на dijalektika

Либералниот капитализам е толку жилав концепт што успева секој криза да ја преџвака и да ја преживее. Во суштина не може да се каже дека има некоја цврста идеолошка матрица и затоа до сега бил во состојба сам да се ремонтира при секој криза.
Обично тие ремонти вклучувале вградување на голем дел од т.н.р социјалистички решенија и методи, но, до сега успевал да ги модифицира и да излезе на крај со нив.
Не би се согласил дека овој пат кризата е толку длабока што ќе резултира со еволуција во комунизам. Неблагодарно е да се предвидуваат идните текови, но имајќи ја предвид историјата на капитализмот, верувам дека и овој пат ќе се извлече жртвувајќи нешто од неолибералниот концепт на апсолутно нерегулиран пазар и пристапот кон јавните услуги како кон, пред се економски услуги. Едноставно се работи за фаза на пропаст, во која инфлатираните вредности, трошењето без покритие и неспособноста да се излезе на крај со глобалната конкуренција на работната сила, во суштина го ослабуваат концептот на национална држава, но не и либералниот капитализам како концепт. Оттука националните држави кои се соочуваат со реален притисок од сопственото население, во иднина ќе се обидуваат да ги сервисираат долговите на домашните компании, само за да ги задржат во сопствената земја. (Види случај опел и другата автомобилска индустрија). Во овие случаи, најверојатно државите ќе постават одредени услови на компаниите, пред се во однос на задржување на работните места, за да се ослободат од притисокот на гласачите и да го спречат пропаѓањето на домашните економии.
Тоа е пробан модел, но овој пат нема да има големе успех од едноставна причина што целата машинерија е глобална и потребата целиот свет да функционира како пазар, во голема мерка е завршена работа. Тоа значи победа на неолибералниот концепт, а овие инекции се само инфузија од националните буџети кои само ќе испеглаат некои глупости во начинот на функционирањето. Националните држави се повеќе ќе ја губат силата за регулирање на пазарите и се повеќе ќе служат како систем за подмачкување на глобалниот неолиберален концепт.
Оваа криза не е крах на системот туку glitch.
Вистинскиот проблем се наоѓа на страна на левицата која нема развиено ниту една кохерентна рамка што може да му се спротивстави на неолибералниот систем. Враќањето кон Маркс и неговот ново исчитување е очаен обид да се искористи кризата за да се издејствува каква било отстапка од неолиберализмот, онака како што е фундиран од Реган и Тачер во осумдесеттите. Тоа не значи дека левицата треба да се повлече, напротив, таа мора да изнајде начин за редистрибуиција на богатството и заштита на хуманите елементи во светски рамки, односно нејзините во суштина хумани идеи да го апсорбираат неолибералниот модел, наместо обратно.

Тоа е долг пат!

јуни 11, 2009


Шпанци

Приказнава што ја чув денес морам да ја споделам…

Демек, се менува командантот на шпанскиот батаљон во Косово. Се построиле шпанциве, се предава команда, еден генерал си оди, друг иде. Народ гледа воени церемонии (интересно е како се лепат луѓе ко муви на такви глупости).

Стариот командант ја предава командата и тргнува накај народов да се поздрави. Во тој момент, еден чича, накај седумдесет години, му се фрла и почнува да го гушка и да го шлапа. Шпанецов запрепастен го прашува – „Добро, зошто толку многу не сакате, што направивме ние за вас толку многу“.

„Ја откривте Америка, малку ли е?“ – вели чичава.

Објавено на 12 јуни 2009


!?

Големите алхемичари од малата земја го претворија виното во вода,

 верата во мода,

црквата во споменик,

споменикот во жртвеник,

кесето во молитвеник,

и секого, секого во должник.

Од срцето направија каса!

Од љубовта – гнаса!

Од сите – зачетници на раса!

И наместо кравите – сега млекарите пасат.

 

П.С. Песничката е Тралалала… Ама ако, ами како.


Бело

Бело е болнички чаршав…
Бело е тага таму кај што се црни луѓето…
Бело е црното во негатив и затоа едно се…
Бела е мозочната маса, ама со сивата кора се мисли…
Бела е пената од уста кога ќе се назобаш олеандер…
Со бело се предаваме кога борбата губи смисол или кукавичлукот не обзема…
Бели сме кога сме слаби и дозволуваме други да не бојат…
И бела е хартијата кога е безвредна, кога ништо не пишува…
Бели се и надгробните камења претежно…
Бело е кога студи…
И многу статуи бели има… Ама и многу гулаби за да ги обојат… Малку по малку…

Убаво е да ги превртиш значењата…
Ретко кој тоа го прави… А лесно е…
Само помини и погледни од другата страна! И така комплетирај ја вистината.